По тешкиот период пред крајот на минатиот и почетокот на овој месец на кој претрпе два пораза на три меча, екипата на Старогард Гдањски, предводена од македонскиот стручњак Дарко Радуловиќ се врато на победнички патеки и оствари исклучително важен триумф.
На гостински терен, Старогард Гдањски го совлада лидерот на табелата Бидгошч со 79-71, благодарение на одличната последна четвртина која ја доби со 24-13. Во првото полувреме домаќинот водеше и со 13 разлика, но тимот на Радуловиќ го заврши мечот со серија од 16-2 и на тој начин го скрши отпорот на Бидгошч. Победата добива на значење ако се знае дека Старогард Гдањски ја оствари без двајца исклучително важни кошаркари, на позициите 4 и 5, Матеуш Бартош и Дамјан Јешке.
Со натпревар помалку, Старогард Гдањски сега има два бода помалку од лидерот Бидгошч и ако го добие, ќе се израмни со него на чело на табелата. Во конкуренција е и Лоѓ кој се наоѓа во фантастична форма, но секако претстои интересен втор дел од сезоната во Втората лига на Полска.


