Довчерашниот помошник на Жељко Обрадовиќ во Партизан, Жосеп Марија Искиердо во интервју за шпански поткаст, откри детали од состојбата во клубот додека тој работеше таму.
Станува збор за работи кои јавноста не ги знаела иако нешто од тоа што го изјави тој, се шпекулираше во медиумите. Обрадовиќ по поднесената оставка објасни што се случувало во Партизан, но Искиердо отиде чекор понатаму и призна дека играчите, особено странските, кумувале на ваквиот развој на настаните.
„Беше ќорсокак. Тоа беше единствениот начин да се престане со страдањето бидејќи немаше друг начин. Всушност, еден месец пред да поднесе оставка, Жељко веќе ми кажа дека ако работите не одат добро, ќе го напуштиме клубот. Тој сакаше новиот тренер да има време при ‘прозорецот’ на ФИБА и токму тогаш Жељко поднесе оставка. Рече дека ќе мора да си одиме ако ситуацијата не се подобри.
Ситуацијата беше сериозна и сето тоа веројатно имаше повеќе врска со фактот дека таму имаше играчи кои не знаеја што е Партизан, што е Жељко Обрадовиќ, што е Евролигата, Европа, Србија или Белград. Без оглед на националноста, проблемот беше што не знаеја каде се. Не беа еден или двајца играчи. Имаше група, банда играчи кои не се согласуваа или не им се допаѓаше начинот на кој Жељко го водеше тимот и тоа јасно го покажаа.
Веднаш по поразот, начинот на кој загубивме од Панатинаикос, тој ни рече во тренерскиот штаб дека ќе престане тука и тоа е крајот. Ни рече дека имаме договори и дека мора да продолжиме, нè замоли да останеме, а јас му реков дека ако си замине, тие ќе победат. Му реков да го отпушти кого и да треба и да продолжи понатаму, бидејќи можеме да го извлечеме тоа. Тој ми рече дека нема. И како што времето минуваше, постојано велеше: Секој ден сум се посигурен и убеден дека ова е единственото решение“, откри Искиердо.
По заминувањето на Обрадовиќ, Партизан оствари четири победи по ред во сите натпреварувања, но сето тоа падна во вода со двата катастрофални порази оваа недела, во Евролигата од Виртус и Жалгирис.


