Легендите на европската кошарка, но и на НБА, Дирк Новицки и Хидајет Туркоглу ќе влезат во Куќата на славните на ФИБА, во Класата 2026.
На церемонијата што ќе се одржи на 21 април во Берлин, во Куќата на славните на ФИБА ќе влезат вкупно седуммина кошаркар(к)и и еден тренер. Најзвучни имиња меѓу нив секако се Новицки и Туркоглу, но и една од најдобрите американски кошаркарки во историјата Сју Бирд.
Новицки беше најкорисен играч и на Светското првенство во 2002 година во Индијанаполис и на Еуробаскетот во 2005 година во Белград, а ја претставуваше Германија во натпреварувањата на ФИБА две децении. Почна со младинските репрезентации во 1995 година, пред да го предводи сениорскиот тим на бројни натпреварувања до 2015 година. Со Далас Маверикс, крилниот центар висок 2,7 метри освои титула во НБА во 2011 година, беше МВП на сезоната и во моментов е шести стрелец на сите времиња.
Туркоглу е турска легенда која се здоби со популарност кога неговата репрезентација стигна до финалето на Еуробаскетот во Истанбул во 2001 година. Во 2009 година, долгогодишната НБА ѕвезда го предводеше Орландо Меџик до финалето на НБА, а една година подоцна го освои сребрениот медал на Мундијалот во Турција.
Покрај нив двајца и Бирд, во Куќата на славните на ФИБА во Класата 2026 година ќе влезат: Селин Думерк од Франција, Кларис Мачангуана од Мозамбик, Исменија Пошар од Чиле, Ванг Жижи од Кина и тренерот Лудвик Миета Миколајевич од Полска.


