Американскиот кошаркар Камерон Пејн ќе стане нов плејмејкер на Партизан, потврди тој самиот денеска на социјалните мрежи.
Пејн ќе потпише договор до крајот на сезоната и, според српските медиуми, за тој период ќе заработи 950 илјади евра. Ова не беше првпат црно-белите да преговараат со Пејн, кој сепак првпат во кариерата ќе игра во Европа.

Минатата сезона тој одигра вкупно 85 натпревари во НБА за Њујорк, каде што имаше просек од 6,2 поени, 1,3 скока и 2,4 асистенции. Во својата кариера играше за многу екипи, вклучувајќи ги Индијана, Њујорк, Филаделфија, Феникс, Кливленд, Чикаго и Оклахома. Своите најдобри натпревари ги забележа во дресот на Феникс Санс, каде што имаше и најголема улога. Сепак, Пејн беше без ангажман од крајот на минатата сезона, во септември годинава Индијана го откупи неговиот договор, но истиот ден го отпушти.
Во неделата што претстои Партизан ќе добие и нов тренер во довчерашниот предводник на Барселона, Жоан Пењароја.


