Довчерашниот тренер на Барселона, Жоан Пењароја утринава официјално е претставен како нов тренер на Партизан, на местото на Мирко Оцокољиќ или попрецизно, на Жељко Обрадовиќ кој поднесе оставка пред крајот на ноември.
И Пењароја беше без ангажман од минатиот месец кога доби отказ од Барса и на негово место дојде Чави Пасквал, како резултат на лошиот старт на сезоната. Своите најголеми успеси Шпанецот ги оствари со Бургос со кого во 2020 и 2021 година ја освои титулата во Лигата на шампионите, а потоа и Интерконтиненталниот куп на ФИБА.
Đoan Penjaroja je novi trener KK Partizan Mozzart Bet!⚫️⚪️
— KK Partizan Mozzart Bet (@PartizanBC) December 23, 2025
🔗 https://t.co/KMAnqKkErQ#KKPartizan pic.twitter.com/irSHY6yP3G
Во својата кариера ги водеше уште Валенсија, каде соработуваше со Ненад Димитријевиќ, потоа Басконија, Манреса и Андора. Заедно со него, во стручниот штаб на Партизан доаѓа уште Урош Драгичевиќ кој ќе му биде помошник.
Своето деби на новата функција, Пењароја ќе го забележи в петок, на евролигашкиот дуел против Макаби во Белград. Српските медиуми објавија дека Шпанецот потпишал договор со Партизан до крајот на сезоната 2026/27.


