Црвена Звезда синоќа ја победи Олимпија со 97-77 во рамките на АБА лигата, но многу поголемо задоволство од триумфот кај навивачите предизвика настапот на двајца млади кошаркари, од школата на клубот.
Еден од нив посебно го привлекува вниманието во македонската кошаркарска јавност. Станува збор за Огњен Симјановски, 16-годишен кошаркар кој летоска дојде во Звезда од Спартак Суботица, а синоќа првпат доби минутажа и ги постигна првите поени во сениорска конкуренција.
Симјановски е роден во Суботица на 28 септември 2008 година, висок е 191 сантиметар и игра на плејмејкерската позиција и веќе настапи за младинските селекции на Србија, но како што може да се заклучи од презимето, потекнува од Македонија. Неговиот дедо е роден во Гостивар, но родителите, како и тој и брат му Душан се родени во Србија и тој има српски пасош.
Огњен синоќа стана најмлад дебитант на Црвена Звезда во 21. век, со 16 години и три месеци (без еден ден). Со својот прв настап тој надмина легенди на белградскиот клуб како што се Никола Топиќ кој дебитирал со 16 години и седум месеци, Слободан Николиќ и Бобан Јанковиќ со 16 години и десет месеци, Немања Недовиќ, Саша Обрадовиќ, Небојша Илиќ, Предраг Стојаковиќ итн кои првпат го облекле црвено-белиот дрес во сениорска конкуренција со 17 години.
Од семејството на Симјановски интересно е и тоа што неговиот брат Душан пред неколку години бил блиску да заигра за македонска репрезентација, но во 3х3. Конекција бил поранешниот македонски репрезентативец во оваа конкуренција Ервин Цого кој е близок со Симјановски, но за жал, до соработка не дошло.


