Првпат од април 2024 година, кошаркарите на Барселона славеа во Ел Класико и ја прекинаа серијата од девет порази во дуелите со Реал.
Последниот триумф против најголемиот ривал го остварија со Роџер Гримаи на клупата, а денеска го победија Реал во Мадрид со резултат 105-100. „Каталонците“ беа во водство во најголемиот дел од натпреварот, најмногу со десет разлика, во втората четвртина, а се беше решено по серијата од 8-0 во последниот квартал по која отидоа на недостижни 98-89.
Еден од хероите на натпреварот беше Нико Лапровитола, кој го водеше тимот почнувајќи од крајот на третиот период. Две тројки, положување, шутеви, асистенции, како во своите најдобри денови, 35-годишниот ветеран играше и заврши со 19 поени (5-11 од поле) и 9 асистенции. Ако се погледне статистиката, неверојатниот шут за три поени на Барселона (14 од 25) го реши натпреварот. Кевин Пантер придонесе со 4/6 и вкупно 19 поени, но поранешниот капитен на Партизан не беше на теренот кога натпреварот се „кршеше“. Томаш Саторански имаше 16 поени и 5 асистенции, а Џоел Пара додаде 13 поени и 7 скока. Вили Ернангомез имаше 8 поени и 10 скока.
Сепак, најголем кредит оди кај тренерот Чави Пасквал кој ја препороди Барселона откако ја презеде кон средината на ноември. На 15 меча во сите натпреварувања, оттогаш Барса има 12 победи и само три порази од кои два минимални, од турските гиганти во Евролигата, Анадолу Ефес и Фенербахче.


