Центарот Тајрик Џонс повеќе не фигурира на списокот на кошаркари на Партизан во Евролигата што е доволна потврда дека тој ќе ја продолжи кариерата далеку од Белград.
Клубот одлучи да ја прекине соработката со него откако минатиот месец беше посочен како главен виновник за лошата атмосфера во екипата и заминувањето на Жељко Обрадовиќ. Последните денови се појавија многу шпекулации во врска со неговата иднина, а со оглед на тоа што утре е последен ден од преодниот рок во Евролигата, следните 24 часа се клучни за заклучување на трансферите.
Медиумите во Грција вечерва објавија дека Џонс ќе ја продолжи кариерата во тимот на Олимпијакос. Партизан од неговиот премин добро ќе заработи, на сметката ќе му легнат 500 илјади евра што е одлично ако се знае дека Американецот оваа сезона беше далеку од посакуваната форма
Договорот меѓу Џонс и Партизан беше со важност до јуни 2027 година. Партизан има краток период да донесе замена за Џонс на центарската позиција, а веќе се шпекулира со некои имиња кои се интересни за стручниот штаб.


