Турскиот стручњак Ергин Атаман ја стресе грчката кошарка откако денеска најави дека е можно да си замине од Панатинаикос на крајот од сезоната.
За да се случи тоа, треба да се исполнат два услова, односно да се повтори минатата сезона за осумкратниот европаки шампион.
„Сакам да кажам нешто важно во овој момент. Знам дека некои луѓе ја изгубија довербата во тимот, а можеби ја изгубија и довербата во мене. Тоа е нормално во спортот. Минатото е минато, а ние ја гледаме иднината. Сакам да кажам едно. Имам голема доверба во моите играчи и во тимот и сакам да поставам важен предизвик. Како што знаете, имам уште една година загарантиран договор со тимот. Но, ако на крајот од сезоната не ја освоиме Евролигата или не го освоиме првенството, ќе ја напуштам Атина“, рече Атаман.
Ако ПАО не освои една од двете големи титули, тоа значи дека втора сезона по ред ќе биде без голем трофеј, а со оглед на вложените средства во тимот, ова ќе значи голем неуспех. Минатата кампања Панатинаикос загуби од Олимпијакос во домашниот плејоф, а на Ф4 од Евролигата беше совладан во полуфиналето од Фенербахче кој потоа ја освои титулата.


