Благодарение на одличната последна четвртина и фантастичниот Андреас Обст, Баерн Минхен ја совлада Басконија со 96-89 и се тргна од дното на табелата во Евролигата.
Баварскиот тим сега има седум победи на 20 натпревари, една повеќе од квартетот Басконија-Анадолу Ефес-Асвел-Партизан кој со 6/14 ги држи последните четири позиции. Баерн вечерва беше во негатива повеќе од три четвртини, во последниот квартал губеше и со 14 разлика, но сепак успеа да дојде до победата.
Клучни беа две серии од по 10-0 во таа последната четвртина со кои прво ја достигна предноста на Басконија, а потоа и направи недостижно водство кое беше доволно за победа. Блескаше Обст кој постигна 37 поени, што е негов рекорд на кариерата, за 29 минути игра, вклучувајќи многу важни кошеви во моментите кога се одлучуваше победникот.
Своето деби во дресот на Баерн вечерва го забележа македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ кој може да биде задоволен од прикажаното со оглед на фактот што е многу краток период со новиот тим. На теренот помина 17 минути и за тој период постигна осум поени, четири асистенции и три скока за индекс 11, четврти највисок кај Баерн.


