Играта и целокупната ситуација во Партизан оваа сезона и натаму се проблем на сите кои го сакаат белградскиот клуб, а особено на оние кои некогаш го носеле „црно-белиот“ дрес.
Меѓу нив и легендарниот центар на Партизан, Миодраг Мишко Мариќ кој во финишот од својата кариера играше и за Работнички. Мариќ е трет стрелец во историјата на белграѓани, таму помина 12 сезони, од 1974 до 1986 година и остави длабока трага во историјата на клубот. Она што сега се случува во него му причинува голема болка, а особено однесувањето на актуелните кошаркари.
„Јасно е дека немаме што да очекуваме оваа сезона. Овој тим и покрај некои промени (Камерон Пејн, Тонје Џекири…), не може ништо да направи. Прво, нема внатрешна хемија и мислам дека квалитетот на тимот не е доволно добар. Има неколку солидни поединци, но треба да има многу повеќе, бидејќи секој тим од Евролигата има неколку многу солидни играчи, кои можат да се надополнуваат едни со други. За да може клубот да ја преживее повредата на некои, а тоа често се случува со ваков календар на натпревари, треба да имате поголем состав, повеќе од нив во комбинација. Партизан има неколку квалитетни кошаркари, но секое влегување од клупата носи пад, особено по повредата на Карлик Џонс.

Очигледно, карактерите на овие луѓе се лоши. Кога некој нема своја гордост како играч да се крене поради својот углед и репутација, да направи нешто, барем со борбен дух и желба, да компензира за некои други работи. Ако некој е професионален и интелигентен, тогаш во секој момент, тој размислува за својата кариера и за секој натпревар. Не знам каде им е гордоста на овие играчи, како можат да дозволат така некој да ги прегази“, рече, меѓу другото, Мариќ во интервју за српски портал.
Мариќ беше играч на Работнички во сезоната 1991/92 кога тимот од Градски парк го оствари најдобриот пласман во лигата на поранешна Југославија – четвртото место со што обезбеди пласман во полуфиналето од плејофот.


