По двете победи во низа, Баерн вечерва е совладан на гостувањето кај Олимпијакос, а тоа воедно беше и прв пораз на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ во дресот на новиот клуб.
Грчкиот шампион славеше со 95-80, оставајќи го Баерн при дното на табелата во Евролигата. Пресудно беше второто полувреме кое му припадна на домашниот тим со 46-33 откако првото помина во израмнета игра и со чести промени на водството.
Димитријевиќ беше дел од стартната постава и на теренот помина 22 минути за кои постигна шест поени, пет асистенции и три украдени топки, за индекс 7. Извонреден натпревар одигра Александар Везенков кој постигна 25 поени и оствари индекс 35, убедливо највисок на мечот.


