Четири дена откако ја посрами цела Италија на дуелот од Лигата на шампионите против Хапоел Холон, екипата на Трапани одигра уште еден бизарен натпревар, овојпат во домашното првенство.
На гости кај тимот од Сицилија беше Тренто со македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски, а мечот траеше нешто повеќе од четири минути. Трапани овојпат излезе со седум кошаркари, но петмина од нив тинејџери од младинскиот тим. Двајца изглумија повреди, а четворица правеа лични грешки се додека на теренот не остана само еден играч поради што мечот мораше да биде прекинат. Во моментот на прекинот, Тренто водеше со 26-11, а 22 од 26. поени беа постигнати од линијата за слободни фрлања.
Уште минатата недела беше јасно дека Трапани е во незавидна ситуација и дека најверојатно ќе биде исфрлен од лигата или самиот ќе се откаже, но сицилијанците се однесоа максимално некоректно и екипата на Тренто мораше да патува над 1.000 километри за вечерашниот меч за на теренот кошаркарите подолго време да поминат на загревање, отколку во игра. Единствена позитивна работа од овој развој на настаните е тоа што Тренто со оваа службена победа најверојатно обезбеди пласман на завршниот турнир од Купот на Италија.
Интересно е тоа што најчесто фаулиран, дури девет пати, беше Андреј Јакимовски кој сите свои поени (12) ги постигна од линијата за слободни фрлања, од 14 обиди. Со тоа беше и најефикасен играч на мечот, но натпреварот сепак се претвори во обична фарса која дополнително го урива имиџот на италијанската кошарка.


