Откако Кошаркарската федерација на Македонија го одложи стартот на втората полуетапа поради студените сали во земјава, новата година во македонската кошарка ќе почне утре со настапот на МЗТ Скопје во АБА 2 лигата.
Аеродромци утре пред своите навивачи ќе го пречекаат амбициозниот српски прволигаш Војводина во дуел кој не смеат да го загубат ако сакаат да останат во игра за пласман во плејофот, а со тоа и во елитната дивизија на АБА 2. Двете екипи имаат биланс 3/2 и утрешниот дуел ќе биде од огромно значење во борбата за место во топ-8. Со оглед на тоа што до крајот на лигашкиот дел има уште три кола, оној што ќе победи утре ќе биде многу блиску до остварување на првата цел.
МЗТ Скопје својот последен меч во АБА 2 го одигра пред четири недели и тогаш загуби на гостувањето кај Златибор, но оттогаш има една промена во составот која може да биде многу значајна. Шампионот го донесе Танасковиќ кој треба да биде од голема помош под кошевите и неговото доаѓање да придонесе за поголема сигурност на екипата.
Утрешниот натпревар на МЗТ Скопје ќе биде прв од трите исклучително тешки дуели во финишот од основниот дел во АБА 2, серија во која нашиот претставник ќе ја пречека Подгорица и ќе гостува кај Широки.


