Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје денеска официјално ја почнува 2026 година бидејќи на домашен терен ја пречекува Војводина, во шестото коло од АБА 2 лигата.
По минатомесечниот пораз од Златибор, аеродромци се со биланс 3/2 и немаат право на кикс до крајот на основниот дел од сезоната ако сакаат пласман во плејофот. Војводина не е на нивото од претходните две години, но секако заслужува респект и тренерот Васко Атанасов е свесен за тоа, но и за квалитетите на неговите кошаркари.
„Годината ја почнуваме против екипа која е меѓу најдобрите во АБА2. Средбата е исклучително важна за двата тима, поради што очекувам голема борба од почетокот до крајот на мечот. Очекувам да имаме голема поддршка од трибините, што секако ќе ни донесе дополнителна предност во однос на противникот. Добро трениравме изминатиов период и ако одиграме како што знаеме тогаш верувам дека ќе се радуваме на крајот“, рече Атанасов во пресрет на денешниот меч.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Војводина се игра од 20 часот во „Јане Сандански“„, а победникот ќе биде многу блиску до пласман во плејофот.


