Комесарот на НБА, Адам Силвер последните неколку дена престојуваше во Европа, каде што се одржуваат промотивни натпревари за најсилната лига во светот.
Тој одржа прес-конференција пред натпреварот помеѓу Орландо Меџик и Мемфис Гризлис, по што беа одржани состаноци со потенцијални инвеститори и спонзори. Не е тајна дека НБА Европа е насочена кон голем број европски престолнини, вклучувајќи го и Париз, а Пари Сен Жермен би можел да биде клубот што ќе ја претставува француската престолнина.
„Фудбалскиот клуб игра на највисоко ниво, луѓето таму имаат знаење како да го подигнат кошаркарскиот тим на тие височини, ако сакаат. ПСЖ е клубот со кој разговараме. Тоа е амбициозна, но многу изводлива работа“, рече комесарот на НБА, пренесува „Л’Екип“.
Ситуацијата во врска со ПСЖ е многу јасна, клубот добива поголем дел од своите инвестиции од катарски и американски компании, што е многу привлечно за НБА. Марк Тејтум, заменикот на Адам Силвер, изрази желба да го види овој француски клуб во новото натпреварување.
„Париз е пазар на кој апсолутно сакаме да влеземе. Тие знаат како да создадат бренд, култура, ПСЖ е поврзан со брендот Ер Џордан, кој е тесно поврзан со кошарката. Бараме вистински партнери за нашиот проект, а ПСЖ носи интересно ниво на експертиза во однос на маркетингот, промоцијата и градењето глобален бренд.“ – истакнува Тејтум.
Се шпекулираше дека се воделе разговори и со Париз, моментален член на Евролигата, но ПСЖ ќе добие предност пред сите други.
„Париз е фасцинантен пазар. Париз како кошаркарски клуб (од Евролигата) дури и не постоеше до пред неколку години, а веќе има база на навивачи и сопствена сала, добро се справува. Нашата цел е да влеземе во разговори со сите потенцијални учесници“ – Џорџ Ајвазоглу, првиот човек на НБА за Европа и Блискиот Исток.
Неодамна се шпекулираше дека втор клуб со кој ќе се преговара ќе биде Манчестер Сити кој исто така е сопственост на компании од Блискиот Исток и кој има интерес да создаде кошаркарска екипа. Од постоечките евролигашки клубови, во игра во моментов е само Реал Мадрид чиј договор со Евролига истекува во јуни, а се уште нема најава за негово продолжување.


