Екипата на Лос Анџелес Лејкерс славеше како гостин кај Денвер Нагетс со 115-107 во најинтересниот натпревар одигран ноќеска во НБА.
Домаќините го диктираа темпото и водеа во текот на целото прво полувреме, држејќи двоцифрена предност. Најмногу водеа во третата четвртина, +16, но до крајот на тој период Лејкерси ја стопија таа негатива и уште тогаш се заканија со пресврт. Тоа се случи во последниот период, кога гостите направија серија од 12-0 од која Денвер не можеше да се опорави.
Во отсуство на Никола Јокиќ, ѕвезда на вечерта беше Лука Дончиќ кој оствари трипл дабл со 38 поени, 13 скока и 10 асистенции. Освен тоа, го престигна Јокиќ бидејќи ноќешниот трипл дабл му беше 52. во кариерата со најмалку 30 постигнати поени. Леброн Џејмс го следеше и со одлично забивање го одби последниот налет на домашниот тим, а заврши со 19 поени, девет скока и осум асистенции.
Џамал Мареј се истакна кај Нагетс со 28 поени, 11 асистенции и два скока. Арон Гордон додаде 18, со пет асистенции и четири скока, Пејтон Вотсон постигна 18, со пет скока и три асистенции, а Спенсер Џонс имаше 16 поени и пет скока.
Лејкерс сега имаат скор од 26/16 и се петти на Западот, додека Нагетси се трети со учинок од 29/15.
РЕЗУЛТАТИ
Филаделфија – Феникс 110-116
Чикаго – ЛА Клиперс 138-110
Хјустон – Сан Антонио 111-106
Јута – Минесота 127-122
Денвер – ЛА Лејкерс 107-115
Голден Стејт – Торонто 127-145
Сакраменто – Мајами 117-130


