По пауза од речиси еден месец, лидерот на табелата во македонското првенство ТФТ денеска се враќа на терен во АБА 2 лигата, со дуелот против босанскиот претставник Слобода од Тузла.
Тоа ќе биде прв меч за тимот од Тафталиџе во 2026 година и можност да дојде до нова победа со која ќе си ги зголеми шансите за пласман во елитната конкуренција. Претходниот натпревар беше одличен за ТФТ, на гости славеше убедлива победа против Борац Бања Лука и ако денеска го направи истото, ќе биде на милиметри од топ-8, на две кола пред крајот на основниот дел.
Во моментов двете екипи се израмнети со биланс 3/2 што најавува интересен и неизвесен натпревар, но ТФТ ќе ја има предноста на домашниот терен, а и фактот што од оваа година ќе настапува во новиот дом, во СЦ „Борис Трајковски“.
“Не очекува натпревар против екипата на Слобода од Тузла, квалитетна и искусна екипа со високи амбиции оваа сезона. Системот на натпреварување и табелата сами по себе говорат за важноста на натпреварот, за нас прв во оваа календарска година против екипа која е во натпреварувачки ритам. Поради овој факт правилниот пристап и енергијата ги издвојувам како клучни фактори за победа. Ќе се обидеме да го дадеме насиот максимум и со еден позитивен резултат да ја отвориме новата календарска година”, рече тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Натпреварот во „Борис Трајковски“ се игра од 18 часот и ќе биде прв меѓусебен на овие две екипи. И едните и другите во него влегуваат со победнички серии, ТФТ со пет, а Слобода со шест триумфи по ред.


