Кој прерано го отпиша и прежали Партизан вечерва, пропушти еден од најголемите спектакли во историјата на Евролигата.
Белградскиот тим направи сензација и го совлада лидерот на табелата Хапоел Тел Авив со 104-101 по продолжение, но уште долго ќе се прераскажува за начинот на кој го направи тоа. Партизан одигра очајно прво полувреме, на стартот од второто имаше негатива и од 27 поени разлика (37-64), а сепак успеа да направи спектакуларен, еден од најголемите во историјата на елитното европско натпреварување, а секако најголем во постоењето на поранешниот континентален шампион.
Откако премногу лесно направи убедлива предност, гостинскиот тим (натпреварот се играше во Минхен, но домаќин беше Партизан), максимално се опушти и тоа му се удри во глава. „Црно-белите“ почнаа полека да мелат, додека играчите на Хапоел се оладија, па во клучните моменти кога се решаваше победникот, не можеа ништо да погодат. Кулминација на драмата беа последните 90 секунди во кои Партизан влезе со негатива од седум разлика (81-88). Се чинеше дека нема излез, но прво погоди Фернандо, потоа Лакиќ и на 18 секунди пред крајот Маринковиќ погоди тројка за израмнување. Хапоел го имаше последниот напад, Џонс тргна кон кошот на положување, Фернандо го изблокира, но судиите во прв момент ги признаа поените, сметајќи дека топката паѓала кон обрачот. По прегледувањето на снимката утврдија дека тоа не е случај и го поништија кошот, па мечот отиде во продолжение.
Тука се зголемија проблемите за Партизан, на истекот од основниот дел се повреди Маринковиќ, претходно Пејн направи пет лични грешки, а а неколку секунди по почетокот на продолжението, исклучен беше тренерот Пењароја поради две технички грешки.
И тоа не го поколеба Партизан кој откако прв прими кош во продолжението, направи серија од 9-0 за водство од 97-90. Хапоел се обиде со неколку брзи реализации, дојде на само еден поен негатива (101-102), но Браун од линијата за слободни фрлања стави точка на мечот. Со истекот на времето Блекни имаше обид за тројка и ново продолжение, но не успеа да погоди.
За Партизан овој триумф нема големо резултатско значење бидејќи и натаму е далеку, на шест победи од плејин зоната, но Хапоел му дозволи на Фенербахче да се израмни и сега двете екипи го делат првото место со биланс 16/7.
РЕЗУЛТАТИ
Фенербахче – Басконија 84-71
Партизан – Хапоел 104-101
Виртус – Црвена Звезда 93-102
Асвел – Барселона 91-98


