Екипата на Партизан вечерва постави клупски рекорд, но малку недостасуваше да го собори и рекордот на Евролигата кога станува збор за најголемиот пресврт во историјата на елитното натпреварување.
Белградскиот тим губеше со 27 поени разлика во дуелот со Хапоел Тел Авив (37-64), но на крајот успеа да слави со 104-101 за осма победа во Евролигата оваа сезона. Тоа е најголем пресврт во историјата на Партизан, досегашниот изнесуваше 24 разлика од пред две години кога во Арена го совлада Макаби со 88-79.
Кога станува збор за Евролигата, Партизан се израмни со Жалгирис кој минатата сезона ја победи Олимпија Милано исто така по -27, а недостасуваше еден кош за да го урне апсолутниот рекорд. Него го држи полскиот Проком кој во сезоната 2012/13 ја победи Сиена по негатива од 28 разлика.


