За неколку дена се навршува една година откако Далас Маверикс одлучи да го трејдува својот најдобар играч Лука Дончиќ и да го испрати во Лејкерс, а токму против својот поранешен тим, на негов терен, словенечката суперѕвезда се запиша во историјата на НБА лигата.
Лејкерс славеа на гости кај Далас со 116-110, а освен по враќањето „дома“, Дончиќ ќе го памти овој меч по уште едно големо остварување. Тој ноќеска стигна до бројката од 1.500 тројки во НБА и тоа како најмлад кој успеал да ја мине оваа граница.
Оваа сезона е осма за Дончиќ во НБА и се наоѓа блиску до најдобрите 50 тројкаши во историјата на НБА, до што му недостасуваат уште 46 тројки. За да влезе во топ-10, треба да постигне уште 790 што и не е така недостижно во следните 3-4 години.
Што се однесува до мечот со Далас, Словенецот беше убедливо најдобар поединец со 33 поени, 11 асистенции и осум скока, од игра шутираше 8/15, а од линијата за слободни фрлања 14/15. Во домашниот тим, најефикасен беше Кристи со 24 поени.
РЕЗУЛТАТИ
Јута – Мајами 116-147
Далас – ЛА Лејкерс 110-116
Чикаго – Бостон 114-111
Орландо – Кливленд 105-119
Филаделфија – Њујорк 109-112


