МЗТ Скопје утре ја продолжува својата одисеја во АБА 2 лигата, со дуелот против Подгорица на домашен терен.
На две кола пред крајот на лигашкиот дел, шампионот на Македонија не смее да си дозволи пораз бидејќи во таков случај дефинитивно ќе се прости со надежите за пласман во плејофот. Императив се две победи во финалните две кола бидејќи само така МЗТ Скопје може да се надева на местата кои водат во разигрувањето. За тоа е свесен и тренерот Васко Атанасов кој повикува на мобилизација и што повеќе навивачи кои ќе му дадат поддршка на неговиот тим.
„Ова е натпревар кој мора да го добиеме и со таа мисла напорно работиме изминатиов период. Победата во домашното првенство ни ја поткрена самодовербата и мислам дека со агресивна одбрана и организиран напад ќе може да дојдеме до целта. Играме дома, каде што имаме голема поддршка од трибините и верувам дека и овој пат со помош на верните навивачи ќе може да дојдеме до посакуваната цел“, порача Атанасов.
Натпреварот меѓу МЗТ Скопје и Подгорица се игра утре од 18 часот во „Јане Сандански“. Македонскиот првак во моментов е на деветтото место со биланс 3/3, колку што има и осмопласираната Слобода.


