МЗТ Скопје никогаш не ја криел својата желба да се врати во елитната дивизија од АБА, но за да ги продолжи надежите за тоа, мора да победи на последните два натпревара од лигашкиот дел во АБА 2.
Првото од двете „финалиња“ го игра вечерва од 18 часот на домашен терен, против Подгорица и аеродромци не смеат да помислат на ништо друго, освен победа на овој меч. Не само затоа што само така ќе останат во играза топ-8, туку и затоа што противникот е еден од најслабите во ова друштво, со само една победа во досегашните шест кола.
МЗТ Скопје засилен го почна вториот дел од сезоната, дојде Танасковиќ, а Маслинко се врати во игра по долгата пауза и се очекува двајцата да имаат голем придонес во играта на актуелниот шампион на Македонија. Тоа ќе му отвори и повеќе простор во ротацијата на тренерот Васко Атанасов, но само под услов сите кои ги има на располагање да го дадат својот максимум и да одиграат на високо ниво. Такво нешто најави и американскиот интернационалец Чарлс Гил во најавата за денешниот меч.
„Секој натпревар е приказна за себе, во овој влегуваме со огромна желба за победа. Размислуваме само на начинот на кој ние ќе одиграме, секако без потценување на ривалот. Со максимален пристап и борбеност сигурен сум дека ќе се радуваме на крајот од средбата“, рече Гил.
МЗТ Скопје и Подгорица досега три пати играа меѓу себе, нашиот тим води со 2-1, но сите три меча завршија со разлика меѓу еден и четири поени. Сепак, тие три дуела се играа за време на периодот со „балони“, па сега црногорскиот тим првпат ќе гостува во „Јане Сандански“. Факт е и тоа дека Подгорица не е на нивото од претходните сезони и покрај тоа што на клупата го има искусниот Миодраг Кадија.
Присуството на мечот за навивачите на МЗТ Скопје е задолжително, на „штрковите“ им е потребна победа по секоја цена.


