Македонскиот шампион МЗТ Скопје ја заврши „домашната“ работа и оствари триумф во првиот од двата последни натпревари од основниот дел од АБА 2 лигата.
На тимот од Аеродром му се потребни победи на двата меча, но го направи првиот чекор откако вечерва пред своите навивачи ја совлада Подгорица со 67-54. Одлично функционираше одбраната на МЗТ Скопје која во првите три четвртини му дозволи на противникот само 33 поени.
Гостите беа рамноправни само во првите четири минути, односно до 6-5. МЗТ потоа направи серија од 7-0, во втората четвртина и од 14-2 и тогаш првпат направи посериозна предност, поведувајќи со 34-20, резултат со кој се замина на полувреме. Во финишот од третиот период нашиот претставник ги достигна највисоките +22 (54-32) и се чинеше дека тука се е готово на овој меч.
Црногорците, сепак, не мислеа така, последниот квартал го отворија со 9-0, а на помалку од три минути пред крајот дојдоа и на 53-61, но тоа беше се од нив. Танасковиќ и Гил во следните два напада имаа по едно забивање и МЗТ Скопје стави точка на овој меч.
Душан Танасковиќ потврди дека ќе биде големо засилување за МЗТ Скопје, оствари моќен дабл дабл со 14 поени и 13 скока, Војдан Стојановски додаде 13 поени, а Мекејден 11.
До клучниот меч, МЗТ Скопје има повеќе од еден месец, бидејќи ќе го игра на 3 март на гости кај лидерот на табелата Широки. Без оглед како ќе завршат другите натпревари од седмиот круг, на нашиот тим ќе му биде потребна победа на тешкото гостување за да го потврди пласманот во плејофот.


