Лидерот на табелата во македонската кошаркарска Суперлига, ТФТ денеска го игра натпреварот од седмото коло на АБА 2 лигата.
Тимот од Тафталиџе од 16 часот во „Борис Трајковски“ го пречекува босанскиот претставник Студент од Бања Лука во меч кој може да има големо значење во борбата за пласман во плејофот. ТФТ во овој натпревар влегува со биланс 4/2 и со евентуален триумф, речиси сигурно ќе обезбеди место во разигрувањето за титулата, а со тоа и за пласман во елитната дивизија.
Проблем на тренерот Боро Смилковски му прават повредите на неколку важни играчи. Страхил Николов, играч кој е со најдолг стаж во тимот на ТФТ, има повреда на менискусот и ќе го пропушти денешниот натпревар, додека Стенли Дејвис не тренирал последните денови поради болки во лактот, но најверојатно ќе стисне заби и ќе игра денеска иако е нејасно колку ќе може да даде.
„Нов натпревар во рамките на АБА 2 лигата, овојпат против Студент, најмладиот тим во натпреварувањето, составен од исклучително талентирани и енергични играчи. Иако имаме проблеми со повредени играчи, влегуваме мотивирани во овој натпревар во обид да ја оправдаме улогата на фаворит на домашен терен и со евентуална победа да обезбедиме место во плејофот“, рече пред мечот, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
Ова е трет натпревар по ред на ТФТ против босански екипи, на претходните два излезе како победник, па нема причина така да не биде и денеска. Студент се наоѓа на 13. место на табелата со биланс 2/4.


