На почетокот на март треба да се игра последното коло од основниот дел во АБА 2 лигата кое ќе даде одговор дали и колку претставници ќе има Македонија во плејофот.
Во моментов, во топ-8 е само ТФТ кој се наоѓа на четвртото место, но постојат теоретски шанси да испадне од конкуренција ако доживее дебакл во последното коло. Во него, игра против Јахорина како гостин, а таму, освен за својата чест, треба да се бори и за МЗТ Скопје.
Шампионот на Македонија се наоѓа на деветтото место, со биланс 4/3, колку што имаат и Слобода и Јахорина кои се пред него, како и Борац кој е зад него. Слобода и Јахорина имаат подобра кош-разлика што според системот на АБА 2 е главен фактор во ситуација кога две или повеќе екипи се со идентичен број бодови.

Во последното коло МЗТ Скопје има тешко гостување кај лидерот на табелата Широки кому му е во интерес нашиот тим да испадне, затоа што така ќе си ги зголеми шансите за пласман во елитната дивизија. Со оглед на тоа што српските екипи не се во конкуренција, Широки би се борел со босанските ривали, како и Сутјеска, ТФТ и Хелиос.
Ако МЗТ, сепак, победи на гостувањето кај Широки, ќе му требаат порази на Слобода и Јахорина затоа што тие имаат подобра кош-разлика од него. Тука на сцена стапува ТФТ кој со евентуален триумф против Јахорина, уште ако тоа биде убедливо, би можел да му направи голема услуга на тимот од Аеродром.
Начелно, ако нема дополнителни измени, последното коло ќе се игра во периодот од 3 до 10 март. Лошо е тоа што сите натпревари не се во ист термин, но од друга страна, за МЗТ Скопје е добро бидејќи ќе игра последен,, на 10 март и ќе знае што му е потребно за да остане во комбинација за остварување на својата најголема цел оваа сезона.


