По фантастичниот старт на сезоната, екипата на Хапоел не само што го загуби првото место во Евролигата, туку врза шест порази во сите натпреварувања што предизвика голема криза и резултатска и играчка.
На површина излегоа сите проблеми со кои се соочува клубот, а на удар е српскиот репрезентативец Василије Мициќ. Тој е најплатен играч не само во Хапоел, туку и во европската кошарка поради што сопственикот на клубот Офер Јанај побара поголемо одговорност и јасно му порача дека треба да ја преземе лидерската улога.
Од друга страна, местото на тренерот Димитрис Итудис е безбедно и покрај шпекулациите дека тој би можел да добие отказ.
„Нема да го смениме тренерот само за да кажеме дека сега сме поинакви. Неговиот статус и натаму е стабилен каков што беше, но јасно е дека постојат несогласувања“, се вели во соопштението на Хапоел.
Како последица на серијата порази, израелскиот клуб падна на петтата позиција на табелата во Евролигата со ист број на победи како осмопласираниот Панатинаикос, но со натпревар помалку.


