Екипата на Тренто со победа го заврши групниот сегмент од Еврокупот откако вечерва на домашен терен го совлада Улм со 76-68.
Мечот немаше големо резултатско значење бидејќи и пред ова коло, последно од групната фаза, беше јасно дека Тренто оди понатаму, а Улм го завршува својот настап. И покрај тоа, италијанскиот тим дури во последната четвртина го скрши отпорот на противникот, но ја забележа четвртата победа во последните пет кола.
Македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски повторно беше еден од најзабележителните во својот тим. За 23 минути во игра постигна 11 поени и шест скок и беше трет стрелец на Тренто, зад Џонс кој постигна 24 и Стјуард 14 поени.
Тренто ќе оди во осминафиналето, а утре ќе се знае кој ќе му биде противник во оваа фаза. На тој натпревар најверојатно ќе биде во улога на гостин, а на програмата е на 10 или 11 март.


