Лос Анџелес Лејкерс ќе биде драстично ослабен на вечерашниот натпревар против Сан Антонио бидејќи покрај Лука Дончиќ, во тимот нема да бидат ниту Леброн Џејмс и Остин Ривс.
Освен што Лејкерс ќе бидат големи аутсајдери на овој меч, вниманието пред почетокот го привлече ситуацијата со Леброн. За него, тоа ќе биде 18. пропуштен натпревар оваа сезона со што официјално испаѓа од конкуренција за индивидуалните награди, како и за влез во некоја од трите најдобри петорки во НБА лигата.
Со тоа ќе биде ставен крај на серијата од 21 година, период во кој суперѕвездата на Лејкерс, порано и на Кливленд и Мајами, беше дел од најдобрите петорки во лигата. Во конкуренција остануваат само кошаркари кои одиграле најмалку 65 натпревари во сезоната, а Леброн повеќе не е дел од нив.


