Од петок до недела, првпат во историјата, завршниот турнир од Купот на Македонија ќе се одржи во Куманово, а денеска се одржа традиционалната прес-конференција на која се претставија осумте учесници.
Во името на домаќинот, присуствуваше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој изрази надеж дека ова нема да биде последен пат неговиот град да ги пречека најдобрите екипи во борбата за куп-трофејот. Напротив, тој посака ова да стане традиција.
„Зошто и следната година завршниот турнир од Купот што го носи името на нашиот голем пријател, Благоја Георгиевски-Буштур, да не се игра во Куманово, односно тоа да стане своевидна традиција? Верувам дека за следната година ќе го решиме и прашањето околу греењето и ладењето, што ни е крајна цел. Без разлика на сето ова, посакувам викендов да следиме квалитетна кошарка и да уживаме во мајсториите на актерите на теренот“, рече Димитриевски.


