Суперѕвездата на Хјустон Рокитс, Кевин Дурант даде интересен коментар во врска со Никола Јокиќ и Лука Дончиќ пред претстојниот Ол стар натпревар.
Хјустон синоќа загуби од Лос Анџелес Клиперс на домашен терен, а по мечот, со новинарите разговараше за она што следува во текот на викендот. На прашањето дали би играл сериозно и натпреварувачки на Ол стар натпреварот и дали очекува истото од другите НБА ѕвезди во нивните подоцнежни години, Дурант жестоко ги нападна европските ѕвезди, пред се Јокиќ и Дончиќ.
„Треба да ги прашате европејците и членовите на Тим Свет, дали сакаат да се натпреваруваат. Погледнете ги Лука Дончиќ и Никола Јокиќ и како се однесуваат на НБА Ол-стар викендот. Дали е тоа натпревар? Никогаш не се прашувате што прават тие, но затоа упорно сте критични кон ‘старите глави’, Американците. И ги имаме овие двајца, Јокиќ и Дончиќ, кои воопшто не се заинтересирани за кошарка. Лежат на подот, шутираат од половина терен, а потоа сите се грижат дали поискусните играчи ќе играат сериозно и енергично. И јас читам меѓу редови, ама морав ова да го кажам“, рече Дурант.
Ол стар натпреварот со години трпи критики дека не носи никаков натпреварувачки дел и дека е далеку од она што се играше на него пред 2-3 децении. Токму затоа и неколку пати беше менуван форматот последните години, па од ова издание ќе се играат натпревари меѓу тимови на Американци и тимови на кошаркари од целиот свет. Дурант можеби е во право кога ги критикува странците затоа што низ историјата, само еден неАмериканец бил МВП на Ол стар натпреварот – Јанис Адетокунбо во 2021 година. Грчкиот кошаркар нема да игра на претстојниот Ол стар натпревар поради повреда, како и МВП од минатата сезона Шеј Гилџес Александер.


