Најуспешниот тренер во македонската кошарка Марин Докузовски викендов има можност повторно да го запише своето име во историјата.
Како тренер на МКК Куманово, тој ќе се обиде по петти пат да го освои трофејот во Купот на Македонија и со тоа да се израмни со рекордерот Александар Књазев кој веќе 17 години е најтрофеен во ова натпреварување. Како предводник на Работнички, МЗТ Скопје и Кочани, Књазев во својата кариера пет пати триумфираше во Купот, додека Докузовски и Јорданчо Давитков имаат по четири пехари.
Својот последен успех во Купот, Докузовски го освои во 2019 година со Работнички и интересно е тоа што тој трофеј е последен досега и за клубот од Градски парк.
Покрај другото, Докузовски викендов може да стане највозрасен освојувач на Купот на Македонија. Тој има 65 години, а и тука рекордот го држи Књазев кој во 1999 триумфираше во Купот на 59-годишна возраст.
Што се однесува до најмладиот освојувач, на врвот е Емил Рајковиќ кој освои Куп на Македонија како тренер на 29 години. Од сегашните тренери, помлад од него е само предводникот на Маџари, Миодраг Тодоровиќ (27 години) кој ако успее да направи сензација, ќе постави нов рекорд.


