Ако во првите 15-16 години по осамостојувањето на Македонија, Работнички беше главна сила во домашната кошарка, во последните исто толку години, гази најголемиот ривал МЗТ Скопје.
Резултатите се како пресликани од тој период, но во корист на тимот од „Јане Сандански“. Денеска МЗТ Скопје го победи Работнички со 100-69 во четвртфиналето од Купот на Македонија што е рекордна победа за аеродромци во дуелите со својот „вечен“ ривал во ова натпреварување. Најголемиот триумф, сепак, се уште го има Работнички и тој изнесува 32 разлика (81-49) од финалето во 1994 година.
Работнички некако се одржуваше во првото полувреме, особено во воведната четвртина кога водеше и со шест разлика (15-9), но се потоа му одеше во прилог на МЗТ Скопје. „Штрковите“ до крајот на четвртината ја презедоа контролата над резултатот, а во вториот период веќе отидоа на 42-29. Во второто полувреме кошаркарите на Работнички не може да го видат кошот, за 20 минути постигнаа само 28 поени и МЗТ го искористи тоа за да дојде до својот најубедливн триумф против „црвено-белите“.
МЗТ доминираше во секој поглед, во листата на стрелците се запишаа сите кошаркари кои влегоа во игра, а најефикасен беше Смит со 17 поени. Ефремовски и Рикиќ беа единствени светли точки кај Работнички, првиот со 26, а вториот со 18 поени и осум скока.


