Домаќинот на завршниот турнир МКК Куманово е вториот финалист во Купот на Македонија откако вечерва го совлада ТФТ со 87-79.
Тоа ќе биде прво финале воопшто за клубот формиран пред неколку години, а утре ќе се обиде да дојде и до првиот трофеј како за себе, така и воопшто за кумановската кошарка. МКК Куманово го реши прашањето околу победникот во финишот, поточно во второто полувреме кое го доби со 42-34.
Најдобриот натпревар во сезоната го одигра босанскиот интернационалец Немања Николиќ кој буквално експлодира на овој меч. Постигна 31 поен со седум тројки од девет обиди, па поради тоа во сенка останаа огромниот број загубени топки од негова страна – дури 11..
Екипата на ТФТ имаше шанса во првото полувреме да направи висока разлика со која ќе го скрши моралот кај противникот, но не го направи тоа. Водеше со пет разлика и имаше напад, а потоа и со највисоки +8 (34-26). МКК Куманово успеа да се тргне од тој шок, до полувремето израмни, а потоа, во вториот дел го диктираше темпото и дојде до победата.
Кај МКК Куманово се истакнаа уште Луковиќ со 17 поени и 10 скока и Стевановиќ со 11 поени и девет скока, додека Дејвис го предводеше ТФТ со 24 поени.


