И покрај елиминацијата во полуфиналето од Купот, тренерот на ТФТ, Боро Смилковски не беше разочаран по денешниот меч против МКК Куманово.
Напротив, тој беше полн со комплименти за домашниот тим и навивачите, а му посака на противникот и да го освои трофејот утре.
„Вечерва бевме сведоци на еден извонреден натпревар, извонредна атмосфера, каква недостасува во македонската кошарка. Честитки за МКК Куманово за победата, навистина му посакувам големо финале утре против МЗТ Скопје и уште поголеми честитки за кумановската публика за фантастичната атмосфера и фер и коректното навивање.
Мислам дека вечерва победи македонската кошарка, единствени губитници од денешниот натпревар се судиите. Нешто што во континуитет ни се повторува и мислам дека тие не беа достојни на нивото, на прикажата игра на двете екипи.
За нас целите остануваат исти, продолжуваме да се бориме на два фронта, во првенството и да се обидеме да избориме пласман во АБА лигата. Уште еднаш му честитам на МКК Куманово и им посакувам пехарот да остане во овој град“, рече тренерот на ТФТ.


