По 19. пат во историјата, МЗТ Скопје ќе игра во големото финале од Купот на Македонија и ќе се обиде да дојде до 14. трофеј во ова натпреварување.
Во последната деценија, клубот од Аеродром само два пати не се најде во мечот за пехарот, во 2017 и 2019 година (во 2020, Купот не се одржа), а по сите параметри, МЗТ е најуспешен тим во ова натпреварување. Остануваат уште неколку рекорди кои се уште ги држи поранешната доминантна сила во македонската кошарка Работнички, а еден од нив МЗТ Скопје денеска може да израмни.
„Штрковите“ имаат можност по четврти пат во низа да го освојат пехарот во Купот на Македонија. Со тоа ќе се израмнат со Работнички кој таков подвиг направи во периодот од 2003 до 2006 година. МЗТ иако е најуспешен тим во Купот, со 13 трофеи, никогаш немал подолга серија од три триумфи, една е актуелната, а една од 2012 до 2014 година.
Денешното финале е шесто по ред за МЗТ Скопје, а и тука рекордот го држи Работнички со седум, во периодот од 2000 до 2006 година.


