Првпат во историјата, Македонија во два града ќе одржи едно младинско европско кошаркарско првенство, какви во последната деценија имаше многу.
Претстојното лето, нашата земја ќе биде домаќин на кадетското Европско првенство Б-дивизија, а покрај Скопје, натпревари од него ќе се играат и во Гевгелија. Градот на југот од Македонија има одлична инфраструктура, големи хотелски капацитети и ќе може да одговори на барањата на ФИБА за добра организација на првенството.
„Во насока на дополнителна промоција на кошарката и нејзино доближување до што поголем број љубители на спортот, Кошаркарската федерација донесе одлука ова првенство, за првпат, да се реализира во два града – Скопје и Гевгелија.
Досега, вакви и слични меѓународни настани традиционално се организираа во главниот град, но нашата цел е да ја прошириме кошаркарската енергија и во другите средини, истовремено овозможувајќи им на повеќе граѓани да бидат дел од едно големо европско спортско доживување.
Изборот на Гевгелија претставува можност овој град да се претстави во вистинско светло – како одличен домаќин, со својата спортска инфраструктура, гостопримство и организациски потенцијал. Убедени сме дека, заедно со Скопје, Гевгелија ќе придонесе за успешно и достоинствено организирање на шампионатот на највисоко европско ниво“, објави, меѓу другото, КФМ.
Во минатото, покрај Скопје, европски младински првенства се одржуваа во Охрид и Струмица, но секогаш тоа беа единствени градови каде се играа натпреварите.


