Големо изненадување од таборот на Партизан – Камерон Пејн го напушта клубот и се враќа во САД.
Српските медиуми попладнево објавија дека Пејн повторно ќе игра во НБА, во дресот на Филаделфија 76. Шокантни вести за сите навивачи на црно-белите, особено што Камерон Пејн беше дел од тимот само два месеци, откако пристигна во Белград кон крајот на декември.
Пејн ги пропушти последните три натпревари на Партизан во Евролигата и АБА лигата поради повреда, а на крајот се покажа дека настапот против Панатинаикос беше и негово збогување со црно-белиот дрес. Партизан е во големи проблеми, бидејќи остана и без Дилан Осетковски поради суспензија, бидејќи тој има забрана за играње до крајот на 2026 година поради употреба на забранети супстанции.

Во заминувањето на Пејн има и позитивна работа, а тоа е податокот дека Партизан добро ќе заработи од неговото заминување – дури 1,75 милиони долари што е голема отштета за европски услови. Американецот имаше просек од 12,4 поени и 3,9 асистенции на десет одиграни натпревари за црно-белите.
Црно-белите се без реални шанси за пласман во плејофот во Евролигата, синоќа ја отворија втората фаза од АБА лигата со победа против Будуќност, а следната задача што ги чека е Купот „Радивоје Кораќ“ во Ниш на кој Пејн ионака немаше да настапи. Наскоро се очекува во екипата да се врати Карлик Џонс кој ја санира тешката повреда и веќе почна да тренира со своите соиграчи.


