Денеска и утре во Македонска Каменица се одржува завршниот турнир од Купот на Македонија во женска конкуренција.
На неколку часа пред почетокот, јасно е само дека ова натпреварување ќе има нов победник бидејќи ланскиот освојувач Вардар не успеа да се пласира на турнирот. Прв фаворит е Баскет Кам кој покрај тоа што е домаќин, сезонава повторно е најдобар во елитната конкуренција кај дамите. Токму домаќинот го отвора завршниот турнир, денеска од 15 часот против МЗТ Скопје кој во четвртфиналето го елиминира бранителот на трофејот Вардар. Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Крива Паланка и Бадел.
Баскет Кам ќе атакува на својот четврти трофеј во Купот со што би ја потврдил доминацијата во домашната кошарка во последните пет години. Од останатите учесници, три трофеи има и Бадел, МЗТ Скопје славеше еднаш, а Крива Паланка се надева на својот прв пехар во Купот.
Најтрофеен клуб во ова натпреварување и понатаму останува Вигор, клуб кој повеќе не постои, додека Македонска Каменица ќе биде 11. град каде ќе се одржи завршниот турнир.
РАСПОРЕД НА НАТПРЕВАРИТЕ
САБОТА
Баскет Кам – МЗТ Скопје 15:00
Крива Паланка – Бадел 17:30
НЕДЕЛА
Финале 18:00


