Вторпат во период од шест дена, екипата на МЗТ Скопје го победи МКК Куманово на негов терен.
Во финалето на Купот, шампионот славеше со 26 разлика, а вечерва со 16 (72-56), доволно за уште еден убедлив триумф. Како и тогаш, победникот во ниеден момент не беше доведен во прашање, а на МЗТ му требаше една добра четвртина за да го скрши отпорот на противникот.
Тоа беше вториот квартал кој „штрковите“ го добија со 26-12 за на полувреме да заминат со огромни 46-28. Вториот дел беше само рутина, МЗТ Скопје имаше и 22 поена предност, но МКК Куманово успеа во финишот нешто да намали за се избори за пристоен пораз.
До убедливата победа МЗТ стигна без МВП на завршниот турнир од Купот, Мак Смит, но сите останати имаа придонес за овој триумф. Мекејден беше најефикасен со 14 поени, Петков постигна 13, а Војдан 10. Луковиќ оствари дабл дабл со 18 поени и 12 скока, но промаши и осум слободни фрлања.


