Баскет Кам и Крива Паланка ќе се борат за трофејот во Купот на Македонија во женска конкуренција откако вечерва беа подобри од Бадел и МЗТ Скопје.
Баскет Кам го обезбеди шестото финале во низа, а ќе се бори за четвртиот трофеј во ова натпреварување. Организаторот на завршниот турнир немаше проблем против МЗТ Скипје и го совлада со 74-63. Клучна беше втората четвртина која тимот од Македонска Каменица ја доби со 19-6 со што го уништи сите надежи на противникот за евентуално изненадување.
Ивана Кметовска одигра неверојатен натпревар, постигнувајќи 23 поени, 21 скок и седум асистенции за индекс 41 со што којзнае кој пат ја покажа својата класа. Алексова го предводеше МЗТ Скопје со 21 поен.
Крива Паланка, предводена од 25-годишниот тренер Виктор Петровски, за првпат во историјата ќе се бори за трофеј во Купот, по триумфот против Бадел со 81-45. На овој меч клучна беше првата четвртина која им припадна на паланчанки со 25-10, Крива Паланка во тој период направи серија од 15-0 и практично го реши победникот.
Почетната петорка на Крива Паланка го понесе најголемиот товар, најдобра беше Робинсон со 26 поени, додека Марија Николов го предводеше Бадел со 14 поени.


