Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ одигра извонреден натпревар, но не успеа сам да го однесе Баерн во финалето од Купот на Германија.
Пред своите навивачи во САП арената, баварскиот гигант загуби од Бамберг со 97-103 по продолжение и не успеа да се пласира во мечот за трофејот во ова натпреварување. Неверојатни пресврти беа видени во последната четвртина, Баерн водеше со 68-61 за Бамберг да направи серија од 17-4 и да отиде на 78-72. По голема борба, Баерн успеа да се избори за продолжение, благодарение на тројката на Димитријевиќ на 11 секунди пред крајот, а во последниот напад Бамберг не успеа да поентира.
Во дополнителните пет минути, Бамберг ја имаше контролата, но до победата стигна благодарение на тројката на Вотсон на 52 секунди пред крајот. Димитријевиќ го држеше тимот во игра колку што можеше, но во клучните моменти изостана поддршката од соиграчите.
На крајот, Нено заврши како најефикасен на натпреварот со 24 поени, а додаде уште седум асистенции и пет скока, за индекс 26. Бамберг во финалето ќе игра со Алба која беше подобра од Олденбург со 98-78.


