Од денеска, официјално, Жозеп Марија Берокал е селектор на македонската кошаркарска репрезентација, како наследник на Марјан Илиевски кој минатиот месец поднесе оставка.
Шпанскиот стручњак веќе почна со работа, одржа два тренинга и ги истакна своите импресии од почетокот на ангажманот во Македонија.
„Ви благодарам за можноста да бидам тука, привилегија е да бидам селектор на Македонија. Знам дека е краток периодот за подготовки, но во овие само два тренинга со репрезентацијата, видов дека има голем простор за напредок. Мислам дека треба да размислуваме на долги патеки, да го унапредуваме тимот и важно е за иднината, кои млади играчи ќе доаѓаат во националниот тим.
Што се однесува до македонската кошарка, поврзан сум со неа преку Владо Илиевски, му бев тренер пред 23 години. Некои од играчите во репрезентацијата ги познавам, му бев тренер на Војдан Стојановски во Украина, некои ги знам од Шпанија. Среќен сум, знам дека на почетокот нема да биде лесно, ќе биде долг процес, но ќе се обидеме да направиме максимум од овие играчи. Кое ќе биде нивото што ќе го достигнеме, не знам, но верувам во сите. На кошаркарите им реков дека треба да се натпреваруваат сами со себе, да бидат подобри, да имаат шампионски менталитет. Да не гледаме премногу далеку во иднината, да се фокусираме на она што ни претстои“, рече Берокал на денешната промоција.
Првиот ангажман, Шпанецот ќе го има во продолжение од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година, против Луксембург в петок и Азербејџан на 2 март.


