Со веќе петгодишно искуство во странство, Ѓорѓи Кочов има големо искуство и може да биде од голема помош во македонската репрезентација.
Тој ќе биде дел од стручниот штаб на новиот селектор Жосеп Марија Берокал, а тоа е негов втор ваков ангажман откако пред неколку години му беше асистент на Александар Тодоров. Кочов е свесен дека претстои многу работа за да се оствари главната цел – пласман на Европското првенство во 2029 година.
„Чест ми е и задоволство што сум повторно во стручниот штаб на Македонија. За се треба време, ама има само еден начин да станеш подобар, тоа е да тренираш. Понудата од Федерацијата ја прифатив затоа што мислам и сметам дека треба тоа што сум го стекнал надвор како искуство, да го пренесам на нашите домашни играчи. Да им помогнам на некои тренери што немаат можност многу да видат како се работи надвор и мислам дека со промена на тренингот и пристапот, сите заедно може да направиме нешто и да промениме.
Знаеме во моментов во каква ситуација е клупската кошарка, а репрезентативната е слика на клупската. За наша земја, мала земја како Македонија, ние тренерите мораме да се потрудиме да бидеме на највисоко ниво што можеме. Да дадеме најдобри можни услови за играчите за да очекуваме некаков напредок. Ако не успееме тоа да го направиме, не може да очекуваме резултат. Јас по природа сум позитивен, но зборувам објективно“, рече Кочов на денешната промоција.


