Младиот плејмејкер Марин Петков игра одлично сезонава во дресот на МЗТ Скопје, а полека се наметнува и како главен организатор на играта во репрезентацијата.
Шанса да го потврди својот напредок ќе има в петок во дуелот со Луксембург кој излегува најважен натпревар за Македонија во претквалификацискиот циклус за Европското првенство во 2029 година. Петков верува во успех и на овој меч, но исто така смета дека новиот стил на игра ќе донесе многу добри работи на репрезентацијата.
„Нормално, очекуваме да победиме. Луксембург е добра репрезентација, како и ние, имаат две победи во првиот круг, така што победата е доста важна. Може да кажам дека би била и најважна во овие два меча кои следуваат.
Интересно е на тренинзите. Тоа е прво. Системот е сличен, но и различен. Овие два-три дена поставивме некои планови за игра во одбрана и планови за играта во нападот.
Мислам дека на секоја репрезентација би и одговарал шпанскиот стил на игра. Се знае дека Шпанците се една од подобрите кошаркарски земји. заедно со САД и Србија. Оттука, стилот на игра сигурно е дека ќе изгледа добро, дека ние ќе изгледаме добро. И секако, одиме на победа“, вели Петков.
Македонија се среќава со Луксембург в петок во Скопје, а вториот дуел од овој „прозорец“ го игра в понеделник против Азербејџан.


