Ситуацијата во Кошаркарскиот клуб Работнички во моментов е катастрофална, а 15-кратниот шампион поминува низ уште еден тежок период во својата историја, нешто слично како пред 12-13 години.
Општината Центар, која е сопственик на клубот како да крена раце од него, играчите објавија дека им се должат и осум плати што значи дека долговите се влечат од минатата сезона, а кулминација на хаосот беше вчерашното отворање на реновираната сала во Градски парк на која ги немаше оние кои треба таму да играат – кошаркарите. Тоа најдобро зборува за односот меѓу градоначалникот Герасимовски и екипата, однос кој може да заврши кобно за некогашниот суверен во македонската кошарка.
Сето ова можеби ќе се среди идната сезона, ако се остварат најавите дека Работнички би можел да добие нови газди, односно да се приватизира. Прашање е како би можело да се изведе тоа, но во моментов за поранешниот шампион има неколку заинтересирани страни.
Според некои информации, станува збор за три групации кои во моментов се борат за преземање на клубот. Една од нив, наводно, води поранешниот играч на Работнички и довчерашен претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ со неколку соработници меѓу кои има и такви кои со него работеа во КФМ. Ако се суди според тоа што Антиќ беше еден од ретките екс-кошаркари на Работнички од „помладата гарда“ на вчерашното отворање на салата во Градски парк, а Горан Герасимовски постојано беше околу него, може да се заклучи дека тројниот европски шампион има најголеми шанси да го преземе клубот, ако воопшто дојде до тоа.
Работнички во моментов се наоѓа на осмата позиција на табелата во Суперлигата со 22 бода, колку што имаат и Тиквеш и Феникс кои се зад него. Извесно е дека ќе се натпреварува во плејаутот, а со оглед на тоа што сезонава испаѓаат три екипи, станува исклучително тешко за македонскиот гигант.


