Репрезентацијата на Луксембург не би требало да претставува поголем проблем за Македонија, но сепак треба да се обрне внимание на некои сегменти во противничките редови.
Пред се, на крилниот играч Бен Ковач кој е убедливо најдобар во оваа генерација во луксембуршката селекција. Тоа го покажа и на првите два натпревари од претквалификациите, на кои беше најдобар стрелец не само во својата репрезентација, туку и во целиот циклус.
Против Ирска и Азербејџан, тој постигна вкупно 67 поени (33,5 по натпревар) и го дели првото место со Андре Спајт од Ерменија со тоа што имаше многу помалку одиграни минути од својот „колега“. На тие два меча погоди десет тројки од 17 обиди што е уште една назнака за тоа дека треба да се обрне особено внимание на него, како играч од кого доаѓа најголемата опасност.
На третото место на листата на стрелци се наоѓа македонскиот репрезентативец Андреј Јакимовски кој вечерва би требало да биде противтежа на Ковач.


