Андреј Јакимовски останува најефикасен играч во македонската репрезентација и покрај тоа што постојано потенцира дека не е важно кој ќе постигне најмногу поени бидејќи најважна е победата.
Луксембург е архивиран, в понеделник следува втората пресметка со Азербејџан и јасно е дека се очекува победа за зацврстување на првата позиција на табелата во групата. Јакимовски е задоволен од досега постигнатото, но повикува на максимална внимателност пред претстојниот дуел.
„Одигравме солиден натпревар во одбрана, во нападот промашивме многу отворени шутеви и слободни фрлања, но сето тоа е процес. Сега со новиот селектор треба време и работа, за три-четири дена не може многу да се промени. Победа е победа, задоволни сме од тоа што го прикажавме и мислиме на наредниот дуел.
Немавме време за анализа на Азербејџан бидејќи утринава заминавме за Баку и таму ќе се занимаваме со следниот противник. Селекторот си има свој систем кој се обидува да го пренесе на нас, работиме напорно, сега за сега, се оди според планот“, вели Јакимовски по слетувањето во азербејџанската престолнина.
Дуелот меѓу Македонија и Азербејџан се игра в понеделник од 17 часот по средноевропско време.


