Покрај селекторот и неговите помошници, во сениорската машка кошаркарска репрезентација се променети и останатите членови на стручниот штаб: лекарот, физиотерапаевтот и кондицискиот тренер.
Почнувајќи од подготовките за дуелите со Луксембург и Азербејџан, тие (ќе) се грижат за здравјето и физичката состојба на кошаркарите. Нов лекар на тимот е Иво Доневски, физиотерапевт е Илија Николовски, а кондициски тренер е Мартин Реџепагиќ.

Доневски е супспецијалист трауматолог, вработен на Клиниката за трауматологија при Клиничкиот центар во Скопје. Неговото искуство со спортот и спортските екипи е големо, а последниот ангажман го имал во Фудбалскиот клуб Вардар од каде заминал неодамна, по неколку години вредна и пожртвувана работа, во еден од најтешките периоди во поновата историја на најтрофејниот македонски колектив.

Николовски е физиотерапевт повеќе од една деценија, а најмногу време поминал во кошаркарските клубови бидејќи и самиот извесен период се занимавал со кошарка. Последните ангажмани ги имал во Вардар и ТФТ, а во моментов се грижи за кошаркарските репрезентативци на Македонија.

Реџепагиќ е поранешен играч на Торус, Работнички и Плејмејкер, со физичка подготовка се занимава 12 години, но на почетокот главно работел со индивидуалци и рекреативци. Во колективниот спорт е влезен во 2018 година, две години работел во Турција, потоа една година во женската ракометна лига на Романија, а од лани е дел од ТФТ. Тој е дипломиниран тренер за кондициска подготовка на Факултетот за физичко образование и спорт и здравје при УКИМ Скопје.


