Суперѕвездата на Лос Анџелес Лејкерс, Леброн Џејмс постави уште еден рекорд во најсилната кошаркарска лига во светот, но тој остана во сенка на поразот на неговиот тим.
Откако го надмина Карим Абдул-Џабар во февруари 2023 година, Леброн ноќеска го надмина легендарниот центар и по бројот на постигнати кошеви од игра во НБА. Џејмс го достигна рекордот во првата четвртина од натпреварот против Денвер Нагетс. Абдул-Џабар погоди 15.837 шута од игра за време на неговата 20-годишна НБА кариера, која заврши во 1989 година. Тој ги постигна повеќето од нив во дресот на Лејкерс, чиј член е Леброн од 2018 година. Многумина мислеа дека овој рекорд никогаш нема да биде соборен, но дојде и тој ден.
King. The most field goals made in NBA regular season HISTORY 👑 pic.twitter.com/KmyOW9msll
— Los Angeles Lakers (@Lakers) March 6, 2026
Сепак, новиот рекорд на Леброн не им помогна на Лејкерс да дојдат до триумф на гостувањето кај Денвер. Нагетс славеа со 120-113 и му ја прекинаа на противникот серијата од три победи. Клучен играч повторно беше Никола Јокиќ кој го оствари 23. трипл дабл во сезоната и 187. во кариерата, постигнувајќи 28 поени, 12 скока и 13 асистенции. Имаше и девет загубени топки, но сепак тој го носеше тимот кон новата победа.
Лука Дончиќ го предводеше Лос Анџелес Лејкерс со 27 поени, 11 скока и седум асистенции, додека Леброн заврши со 16 поени, осум додавања и пет скока.
РЕЗУЛТАТИ
Орландо – Далас 115-114
Вашингтон – Јута 112-122
Хјустон – Голден Стејт 113-115
Мајами – Бруклин 126-110
Минесота – Торонто 115-107
Сан Антонио – Детроит 121-106
Феникс – Чикаго 103-105
Денвер – ЛА Лејкерс 120-113
Сакраменто – Њу Орлеанс 123-133


